Калиа Димитрова
Реапропријација на јавниот простор на случајот на урбаните социјални движења во Градот Скопје
Користењето на уметнички активизам како метода за доближување на политички и социјални прашања до пошироката јавност е глобална тендеција. Идејата за “правото на градот” изврши влијание врз голем број градови во светот. Сепак, секој град заслужува засебна анализа, со оглед на фактот дека општествената мобилизација е речиси секогаш детерминирана од локалниот контекст.
Овој труд има за цел да ги истражи различните аспекти на порастот на општествената мобилизација во градот Скопје, со фокус на урбаните акции, кои се случуваат во периодот меѓу 2010 и 2016 година, посебно акцентирајќи го „grass-root“ уметничкиот активизам во јавниот простор. Овие активности во градскиот простор, не зборуваат само за потребата од независни простори, културни џебови и зелени површини. Тие попрво зборуваат за пошироките политички, социјални и економски околности кои ги провоцирале споменатите тенденции, а кои како такви не биле истражени во целост.
Со цел да се одговори на оваа проблематика предлагам внимателен преглед на урбаните социјални движења кои се јавуваат во урбаниот простор на Скопје во периодот на политичката криза. Студијата се контекстуализира преку теориска рамка која се состои од три теми: теории на јавниот простор, урбани социјални движења и уметнички методи во служба на политичкиот ангажман и отпор. Покрај тоа, дополнителна специфична рамка во проучувањето на овој случај е поширокиот контекст на порастот на урбана мобилизација во пост-социјалистичка Европа, како тема која е веќе истражувана од други автори.
Методологијата користена за истражувањето е квалитативна студија спроведена на примерот на Скопје. Главната метода за собирање на податоци беше со помош на полу-структурирани интервјуа со клучните активисти од селектираните движења како и теренската, набљудувачка работа. Преку теоретска рамка и емпириски истражувања беше докажан трансформативниот потенцијал на урбаниот активизам, кој може да оди подалеку од конкретните урбани битки, преку обезбедување на арена за обликување политички идентитети. Опресивната политичка клима во земјата и владиниот урбанистички проект “Скопје 2014” како естетски израз на политичка моќ, беа разгледани како директни предизвикувачи на порастот на урбаните мобилизации. Покрај тоа, тешкотијата да се влијае на политиката преку јавните институции во случајот на Скопје во истражуваниот период, дополнително ги втурнува активистите на полето на симболично уметничко и субверзивно политичко изразување.
Конкретниот случај на присвојување на јавниот простор од позиција на власта и од друга страна реапропријацијата на истиот тој простор преку ангажирано дејствување од доле кон горе, зборува за поширокиот капацитет на овие акции во поткопувањето на состојбата на статус кво. Подемот на уметничкиот активизам, кога другите граѓански инструменти во тој процес се недостапни, доведува до заклучокот дека уметноста, во време на политичка криза, може да создаде хоризонти за понатамошна политичка акција.
Превземи го текстот во целина во ПДФ формат