Ликовната критика денес
МСУ, 6 декември 2016 во 14ч.
Годишен симпозиум на Здружението на ликовни критичари – AICA Македонија,
„Ликовната критика денес“, вторник 06. 12. 2016, Музеј на современа уметност.
Во рамки на програмата на симпозиумот доделена е наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика. Добитник на наградата за 2016 година е Велимир Жерновски, кој го презентира неговото истражување „Шарена револуција!? (Контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)”.
Работната сесија на програмата вклучи излагања и дискусија на тема „Улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми“ според концептот и со модераторство на Нада Пешева.
ПРОГРАМА НА СИМПОЗИУМОТ:
I дел: Доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“
14:00 – 14:20 – Воведен збор и доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика на годинешниот добитник Велимир Жерновски;
II дел: Презентација на истражувањето на добитникот на наградата за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика
14:20 – 14:40 – Презентација на истражувањето „Шарена револуција!? (контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)” на Велимир Жерновски
14:40 – 14:50 – Кратка пауза
III дел: Работна сесија „Улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми“, конципирана и модерирана од Нада Пешева;
14:50 – 15:00 – Вовед во концептот и изложувањата на панелистите во работната сесија „Улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми“;
15:00 – 15:40 – Излагање на Лазе Трипков, директор на НУ Музеј на современа уметност – Скопје и Дита Старова, директор на НУ Национална галерија на Македонија на тема „Позицијата и улогата на националните установи од областа на современата уметност во контекст на „ексклузивноста“ на создавањето на ликовна критика во ерата на дигиталните медиуми“
15:40 – 16:00 – Дискусија
16:00 – 16:15 – Билјана Петровска Исијанин, „Критичар ‘на збор’ или критичар ‘на дело’?“
16:15 – 16:30 – Елена Вељановска, „Создавање простор за критичка култура“
16:30 – 16:45 – Маја Чанкуловска – Михајловска, „Дали е можно (ре) дефинирање на музеите/галериите за современа уметност кај нас во скора иднина?“
16:45 – 17:00 – Завршна дискусија;
РАБОТНА СЕСИЈА: УЛОГАТА НА ЛИКОВНАТА КРИТИКА ВО ЕРАТА НА ДИГИТАЛНИТЕ МЕДИУМИ концепирана и модерирана од Нада Пешева
„Улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми“ како тематски концепт е замислен да со намера даде поттик да се проговори на повеќе поттеми:
1. Која е улогата на уметничката критика во времето на дигиталните медиуми и дигиталната уметност?
2. Каква е улогата на институциите од областа на современите визуелни уметности во ерата на дигиталните медиуми во однос на промоција и прикажување на современата уметност и ликовната критика?
За улогата на уметничката критика во времето на дигиталните медиуми и дигиталната уметност;
Додека во минатото, главниот фокус на уметничката критика била наменета за контрола на квалитетот на уметничкото дело, денес улогата на критичарот е проширена кон тоа да ја рефлектира и моменталната клима во уметноста. Критичарите се избрани не само врз основа на нивните способности за пишување, туку и врз фактот дека тие застапуваат одредено гледиште кое го промовира и нивниот работен ангажман. Добар критички осврт или преглед треба да промовира дискусија меѓу засегнатите страни или во стручната фела воопшто, но, и да ги убеди читателот, да ја прифати уметноста или уметничкото дело. Искрена и силна критика, треба да го поттикне читателот да размислува за делото. Улогата на критичарот на современата визуелната уметност е, да ја интерепретира уметноста во рамките на уметничките / естетски концепти и вредностите на културата, за која тој/таа пишува, во рамките на сопствените вредносни постулати. Притоа, критичарот, до почетокот на 90-тите години од 20-тиот век, традиционално можеше да се искажува преку: весници, зборници, периодичници, стручни и популарни списанија за уметност, стручни публикаци, каталози, монографии, радиото, телевизијата и слично.
Со развојот на дигиталните медиуми, се чини, дека се отвара демократска можност да се избегне времето на чекање на објавување на еден текст преку интернет фанзини, print per view дигитални изданија и други форми на интернет издаваштво, на сопствени интернет страни и слично. Не се непознати ни виртуелните музеи, како и on- line објавите и прикажување на дигиталните уметнички дела. Со појавата на социјалните медиуми и блогирањето, се чини, дека секој може да има свое мислење, што може да допринесе кон зајакнување на публиката и фантастичен развој во областа на современите уметности. Преглед или осврт дури може да биде текст под 140 карактери, како лична референца на Фејсбук, Твитер и слично.
Но,…!? Која е улогата на институциите кои работат промоција и прикажување на современата уметност и ликовната критика?
Се отвара прашањето дали со доаѓањето на дигиталните медиуми и отварањето на можност за “подемократско“ објавување на сопствените критички ставови, рецензии, осврти и слично, институциите, кои порано го имаа приматот да ја промовираат ликовната критика во рамки на сеопфатната промоција на современата уметност, го губат приматот и ексклузивноста?
Дали е потребна трансформацијата на улогата на музеите, галериите и други јавни институции во производството, чувањето и презентацијата на современа уметност во контекст на посеопфатна промоција и поддршка на уметничката критика. Колку институциите во Македонија, независно дали се јавни, приватни, независни институции, е потрeбно да размислуваат за итноста за изнаоѓање и спроведување на нови алтернативни институционални или транс-институционални модели и стратегии, или да ја (ре) дефинирааат нивната улога.
Тоа пак, ме насочува да размислувам колку на ликовната критика сé уште и е потребна институционалната поддршка од традиционалните видови на институции, или пак, во ерата на дигиталните медиуми, социјалните мрежи и блогови, таа (критиката) може да стане самореферентна институција сама по себе во процесот на верификација на уметноста и уметничкото дело.
И како за крај …
Горе поставените прашањата можеби се многу и се комплексни и на нив не може сеопфатно да се одговори во рамки на годишниот симпозиум на АИКА-Македонија. Но, добро е да се даде поттик, да се размислува на темите. Тие пак, досега многупати се поставувани во ликовната практика. Сепак „улогата на кураторот, истражувачот и критичарот е да даде или да се обиде да даде одговор преку својот професионален ангажман“ (Сузана Милевска, Аленка Грегорич, истражувачки проект „Наопаку“ 2004-2016 Љубљана, Белград).
АПСТРАКТИ:
Билјана Петровска Исијанин: КРИТИЧАР НА „ЗБОР“ ИЛИ КРИТИЧАР НА ДЕЛО?
Имајќи го во предвид досегашниот развој на критиката како интерпретатор на уметноста и како поттикнувач на читателот да размислува за одредено дело, време е да се прифати критиката како медиум во кој критичарот станува не критичар на одредено дело, туку критичар „на дело”, израз што го употреби Harald Szeeman(Харaлд Циман). Критичарот не мора неизоставно да биде некој кој, пред сé, се служи со медиумот на јазикот, туку и со начинот на кој тој организира изложби, при што темите и идеите за изложбите стануваат еден вид специфичен критички ангажман, а самата изложба станува медиум на критиката. На овој начин критиката не е неизоставно нешто што доаѓа после, туку нешто што доаѓа пред или за времена случувањето. Доколку за критиката размислуваме на ваков начин, тогаш сам од себе произлегува одговорот на прашањето: „Дали е потребна трансформација на улогата на музеите, галериите и другите јавни институции во производство, презентација и колекција на современата уметност во контекст на посеопфатна промоција и поддршка на уметничката критика?” Да, потребна е трансформација во смисла на поттикнување на критика која треба да научи “да плива”. Според Loredana Parmesani (Лоредана Пармезани) критиката е јазик без основа, кумулативност; тоа е раштркан, бескраен јазик. Критиката треба да ја избегне критичката баналност што сé уште ја употребува и да дозволи пропаст на хиерархијата. Според Пармезани, за оној што сé уште ги признава интерпретативните вредности на критиката, може да се каже дека е наивен. Оттука, развојот на дигиталните медиуми оди напоредно со ваквото размислување – во ерата на социјалните медиуми и блогирањето, во ерата во која секој може да го објави своето мислење, критиката станува не нешто што е непотребно, туку можеби повеќе нешто што, доколку би се реализирало во својата првична форма, би станало нешто што би било исто толку добро колку да не се каже ништо.
Маја Чанкуловска-Михајловска: ДАЛИ Е МОЖНО (РЕ)ДЕФИНИРАЊЕ НА МУЗЕИТЕ/ГАЛЕРИИТЕ ЗА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ КАЈ НАС ВО СКОРА ИДНИНА?
Кои се и дали воопшто постојат јасно дефинирани мисија, визија, вредности и стратешки цели на институцијата музеј/галерија? Дали само презентацијата како една од компонентите на создадениот идентитет базиран врз практичната основна дејност во минатото и сега (заштита, систематизација, научна обработка и презентација) е доволна како материјал за можно/нужно „редефинирање“ или „трансформирање“? Предизвиците на SWOT анализата во дефинирање на „материјалот“ за редефинирање и условите за реална успешност на „редефинирањето“ на институциите: дали воопшто може да опстојат критички интерпретации (продукција на дела, критика, едукација итн.) во услови на наметната економска исплатливост, bussines oriented тенденции и политички притисоци?
Елена Вељановска: СОЗДАВАЊЕ ПРОСТОР ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА
На симпозиумот на АИКА Македонија ќе се обратам од позиција на вон-институционален независен куратор т.е како некој којшто работи подолг период во независниот културен сектор. Мојата општествена позиција, неминовно го дефинираше и мојот кураторски пристап, а мојот осврт ќе се однесува на улогата на кураторот како активен член од општеството во креирањето на јавниот дискурс. Како куратор се стремам кон обезбедување подобри услови за прикажување на уметничките дела, како и на начините за презентација, и на тој начин предлагам теми за разговор или креирам простор за дискусија. Во презентацијата ќе го разгледувам Фестивалот за критичка култура КРИК, како обид за создавање простор за развој на критичка култура и преку овој пример ќе се осврнам на темите предложени од организаторот на конференцијата: Која е улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми, и која е улогата на институциите кои работат на промоција и прикажување на современата уметност и ликовната критика?
Организација: Управен одбор на AICA Македонија. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.