Златко Теодосиевски
“имаме ли ние воопшто Здружение што се (само)нарекува Македонска секција АИКА?“
Првично имав една поинаква варијанти за овој мој скромен прилог на овој исто така скромен (по бројот на учесниците, не по идејата!) Симпозиум. И таа варијанта беше сосема во духот на генералната „политика“ и однесувањето на нашата АИКА. Поточно, оваа варијанта предвидуваше мое комплетно десетминутно одмолчување на говорницата, како форма на најгласен компатибилен прилог на Симпозиумот. Се откажав од оваа варијанта зашто, прво, ќе беше непристојно кон некои ни-криви-ни-должни, а второ, можеше да дојде и до несакани расправии, што ќе ни го поматеа денот, и целта.
Но сепак, ми останува некаков горчлив вкус при помислата дека, еве, ние сакаме да расправаме за македонската критика – ја има или ја нема, па зошто ја нема, за нејзините евентуални параметри и критериуми, дали критиката е уметност и слично – ама како да не сакаме да расправаме за суштинскиот проблем: имаме ли ние воопшто Здружение што се (само)нарекува Македонска секција АИКА? И каде е, зашто, барем јас, не сум го ни видел ни чул веќе многу години!
Затоа, на почетокот, па ако сакате и со „правото“ на член на АИКА од нејзиното основање, ќе си дозволам прво да прашам: кој, како и зошто ја држи АИКА во заложништво цели осум години, та таа не пушта глас за ниту една релевантна случка во државава – се разбира, од нејзин домен? Колку годишни времиња се сменија, што се’ не ни помина пред очи, а АИКА сеуште спие во длабок зимски сон?
Некој ќе рече: сега не е време, ни место. А кога ќе биде тоа „време и место“? После наредните осум години, до некој друг симпозиум? Во меѓувреме, секоја година ќе добиваме маркички и ќе глумиме критичари? Или, да го парафразирам Гилберт (Оскар Вајлд), кој е земен како мото за овој симпозиум: „It must be perfectly easy in half an hour to say whether a book is worth anything or worth nothing“. Колку време ни треба нам да разбереме каде сме и што ни се случува?
Затоа, прво неколку збора на оваа тема.
1.
Пред неколку години, во едно писмено обраќање до нашето Здружение, напишав дека пред нас, глуви и слепи, меѓу другите нешта, помина и:
– она срамно дилетантско издание на Македонската енциклопедија, каде што не само што нема едно чудо уметници и историчари на уметноста, туку ја нема ни АИКА (автор на оваа мафијашка зделка беше / е’ наш член);
– таканаречениот проект „Скопје 2014“, со сета онаа збирштина од т.н. скулптури и споменици, веќе шеста години ни ги боде очите, а ние како Асоцијација нема(в)ме став;
– се отворија нови самонаречени музеи за кои ние, се разбира, повторно нема(в)ме став;
– низ годиниве се изнагледавме еден куп ДЛУМови будалаштини, директно на штета на македонската уметност и нашата професија (патем и увоз на уметници и куратори од странство!), а ние повторно не реагира(в)ме;
– какви се’ глупости видовме низ македонските музеи и галерии, а не кажавме ни збор во заштита на професијата (меѓу другото, неодамна една наша „колешка“ се потпиша на изложба склепана од страници истргнати од монографија, изложени како оригинални дела!);
– годишните конкурси во делот на визуелната уметност се, најблаго речено, срам залепен директно на лицето на нашата професија, но ние, нели, повторно немаме што да кажеме?
И уште редица вакви и слични идиотизми за коишто оваа АИКА, ако сакаше да си го задржи достоинството, низ изминативе години требаше дневно да заседава и дебатира, да испраќа соопштенија, да организира собири …
Или така лесно ги затуривме во некое ќоше основните цели на Здружението:
– промовирање и унапредување на методите на ликовната критика;
– одбрана на етичките и професионалните интереси на членовите;
– бранење на слободата на мислење … итн., итн!
Што од ова направивме изминативе години, што сработивме, па сега седнавме да расправаме за се’ друго освен за – нас самите?! Образот ни е црн да поцрн не може да биде, а нам, сепак, како да не ни е гајле!?
2.
Во такви „внатрешни“ услови тешко е да се размислува за Уметност, за критика, за критиката како уметност … Тешко е воопшто да се размислува кога дури и мислата стана проблематична, безмалу проскрибирана, забранета, ако не е во согласност со „мнозинството“. Зашто, велат, чуму е мислата, па нека е и најдобрата, ако не може слободно да се каже. Односно, велат, ако нема каде да се каже. Што, секако, не е точно. Што, секако, е само убаво пресметано оправдување за човечката и професионалната ништожност.
Па дури и навистина да немало простор каде да се каже, еве, денес и овде има простор за кажување. И колкумина се пријавија нешто да кажат: петмина, шестмина …?! И повторно – другите ли ни се виновни?
Факт е дека ова е лошо време, време – невреме. Ама значи ли тоа дека треба да престанеме да мислиме, да работиме, да живееме …? Божемниот и лош социјализам стимулираше критика, божемнава и добра демократија ја замолчува. Ако во божемниот и лош социјализам во секој дневен весник, неделник и месечник се негуваше и музичката, и филмската, и театарската и ликовната критика, во божемната и добра демократија тие се недозволени начини на комуникација. Ако во божемниот и лош социјализам телевизискиот медиум беше покровител на емисиите за културата и уметноста, денес, во божемната и добра демократија тоа се забранети зони.
И знам дека ова прозвучува како жал за божемниот лош социјализам, ама не е така. Поентата е во тоа што ние денес, паралелно со системските, имаме генерален проблем со човечкиот материјал. Зашто, зарем денес, кога технологијата испраќа сонди на Марс и врз комети, ние ќе се жалиме дека немаме каде да објавуваме? Во времето кога светот навистина стана „глобално село“ ние не умееме да се ориентираме ни во нашево калливо сокаче?
3.
Колку и да ни изгледаат во ова постмодерно време застарени дилемите околу коишто расправаат Гилберт и Ернест низ перото на Оскар Вајлд, за нас, такви какви што сме, тие се секогаш нови и актуелни. Зашто ние упорно се валкаме во калта на опортунизмот, на калкулантството, на политиката „не се замерувај“ … Дури, се прашувам, имаме ли воопшто право да расправаме за што и да е’ од доменот на современата уметност и критика? И кој сега, или утре, би не разбрал сериозно?
Како што вели Гилберт, „… медиокритетството е противтежа на медиокритетството, а некомпетентноста му аплаудира на брата си …“. И ние ништо немаме да кажеме по тоа прашање, денес и овде. И ние ли сме соодветна „стручна“ противтежа на нашево совремие? Целосно ги заборавивме суштинските, основните заложби на нашата професија, на коишто одлично (повторно) не потсетува Вајлд низ зборовите на Гилберт – дека човекот создава се’ и сешто, но критиката е таа што на нештата им ја дава реалноста, ги прави да живеат вечно. Или – не! А ние живееме токму во таков миг, кога мораме да го кажеме тоа што треба да се каже. Зашто и кај нас, денес и овде, се создава се’ и сешто, и медиокритети ни велат дека тоа е уметност. Можеби е’, но медиокритетска „уметност“. И наша обврска е тоа да го кажеме.
Наша професионална должност е да кажеме дека тоа што се случува на планот на јавната уметност, но и онаа што ја гледаме во музеите, е злосторство против Уметноста и против идните генерации. И Вајлд предупредува дека „тенденција на креацијата е да се повторува“, а „креативниот инстинкт да се репродуцира“. Но ова кај нас, дури и да го почестиме со поимот креација, веќе не е ни повторување, ниту пак репродуцирање. Ние веќе длабоко сме загазиле во буквално пресликување, во очајно шаблонизирање, во шарлатанска „направи сам“ продукција. И некој мора тоа да го каже. И Вајлд тука повторно ни помага укажувајќи дека безмалу секој може да создава историја, или да мисли дека ја создава, но само големите луѓе можат да пишуваат за неа и да ја толкуваат. Наша обврска како критичари – ако воопшто сме тоа што велиме дека сме – е конечно да проговориме за сето ова што некои го клепаат мислејќи дека создаваат уметност и историја. Само тогаш, и само така ќе можеме да го оправдаме и постоењето на ова Здружение.
Инаку, други (ќе) ја вршат нашата работа. Како што тоа го прават и сега, луѓе од други професии, дури и уметници – како на пример „Корпорација“ – кои го превземаат од нас, глуви и слепи, критичкото перо!
Оној божемен и лош социјализам можеби во нас гледаше дури и креативни луѓе, да речеме дури и уметници на зборот. Оваа божемна и добра демократија во нас не гледа ништо! Ама тоа пак не значи дека не снемало, дека сме престанале да постоиме. Но и постоењето се докажува – со збор, со гест, со акција. Зарем навистина АИКА нема што да каже за противзаконската узурпација на откупната политика, па и за учеството на наши членови во истата? Нема ли што да каже за цените по коишто се (от)купуваат делата? Нема ли што да каже за нашите меѓународни „претставувања“?
4.
Оттука, уште еднаш, ние денес не сме судрени дури ни со дилемата дали критиката е уметност. Ние денес треба да докажеме дека постоиме, дека сме тука и дека – мислиме. Што и да е’, дури нека е и низ течението, ама некој нека пушти глас. Дури и нека ги (о)правда овие будалаштини, ако мисли дека има аргументи. Зашто молчењето веќе не е злато. Никогаш и не било. Тоа секогаш било сигурна територија за кукавици и подлизурковци.
И повторно, Вајлд може да ни биде од помош велејќи: „there has never been a creative age that has not been critical also“! Тогаш, кој е нашиот придонес како АИКА, како Здружение на ликовни критичари, на ова наше време?
Текстот на Златко Теодосиевски е прилог кон симпозиумот на AICA Македонија во 2014 година, на тема Ликовната критика денес: “Но, јасно, и критика на уметноста“ .