Нада Пешева
Кои се механизмите на културната политика на национално ниво во Македонија?
Статусот на ликовната критика во Македонија низ призмата на културните политики
Каков е статусот на ликовната критика во Мaкедонија и колкава е врската на актуелната културна политика во Македонија со генералната слика којашто владее во сферата на ликовната критика? Дали постојат ефективни државни механизми кои го стимулираат создавањето и пишувањето на стучни текстови од областа на ликовната критика, теоријата и историјата на уметноста или пак станува збор за замор на фелата? Кои се механизмите на културната политика на национално ниво во Македонија?
Културната политика во Македонија првенствено на национално ниво се спроведува преку закони, акти и правилници, стратегии за развој на културата, програми (повеќегодишни или годишни), конкурси, откупи, јавни повици и слични форми на поддршка на: современото творештво, но и поддршка на уметници и дефицитарни професионални кадри од областа на културата преку доделување на стипендии за постдипломски и докторски студии во странство, заштита и реанимација на културното наследство, аматерската култура, меѓународната соработка и секако развој на мултикултурализмот или поддршка на проекти кои ги одразуваат културните потреби на припадниците на етничките заедници во Македонија, поддршка на нови технологии и креативните уметности и секако заштита на авторските права.
Се чини дека главните принципи на кои се заснова актуелната културната политика во Македонија се:
– Децентрализација (деметрополизација) на културата;
– Поддршка на традиционалните творечки и применети уметности и заштита на културното наследство;
– Создавање општествен амбиент кој ќе овозможи имплементација на новите технологии во сферата на културата и уметноста и кој ќе го поттикне развојот на креативните индустрии, на културниот менаџмент и маркетинг и на приватните иницијативи;
– Заштита на авторските и други права и интелектуалната сопственост.
Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013 – 2017 година дефинира 12 основни начела и приоритети на културната политика, во кои секако влегуваат и следните области кои директно или индиректно го засегаат работењето на колегите историчари на уметноста и ликовни критичари и теоретичари:
1. Во Националниот интерес во културата влегува поддршка на уметничкото творештво и во сферата на книжевноста и издаваштвото, визуелните уметности и музејската дејност (точка 2.1);
2. Право на култура (точка 2.2);
3. Слободата во уметничкото изразување и автономијата на субјектите што ја остваруваат културата ги поттикнуваат творечкиот и интеркултурниот дијалог и го движат општеството напред (точка 2.3);
4. Поддршка на независниот културен сектор (точка 2.8);
5. Поттикнување на домашното уметничко творештво (точка 2.9) и
6. Улогата на медиумите како фактор кој влијае врз обликувањето на културниот амбиент (точка 2.12).
Понатаму Стратегијата содржи и 15 општи цели од кои секако најрелевантна за ликовната критика е „издавањето на референтно списание за култура и уметност, како и издавањето на публикации релевантни за одредени дејности од областа на културата (со меѓународен карактер)“ и 12 посебни цели од кои би ги издвоила под точка 4.7 Книжевно творештво и издаваштво, субвенција на лексикографските изданија на уметничката и на книжевната периодика/списанија (класични и дигитални), на повеќе јазичните веб-проекти и книжевни колекции со меѓународна рецепција.
Развојот на ликовната критика и воопшто стручни трудови од историјата на уметноста секако е поврзана и е дел од Музејската дејност (точка 4.2) и Визуелните уметности, дизајн и архитектура (точка 4.8) но никаде не е директно спомената туку истите можат да се препознаат и да се применат во некои од приоритетите наведени во точките.
Институционални механизми:
Некои од механизмите за развој и заживување на ликовната критика, директно поврзани со културните политики се и програмите за работа на националните и локални музејски и галериски установи и центри за култура, посебно Музејот на современа уметност и Националната галерија на Македонија, но во еден дел и Музејот на град Скопје чие што постоење треба да биде оправдано, меѓу останатото и преку редовно издавање на стручни каталози и монографски трудови за македонската уметност и списанија како што беше токму „Големото стакло“, чие што не-излегување се одразува не само врз работата на историчарите и проучувачите на современата уметност, и воопшто на уметниците во Македонија, туку директно придонесува во отсуството на библиографски материјал од областа на уметноста, што може да се одрази врз работата на идните проучувачи на ликовната уметност.
Овие институции треба и понатаму да бидат чувари но и вреднувачи на современото македонско ликовно творештво не само преку презентација на ликовните збирки и колекции, туку и преку продукција на стручни текстови, книги и списанија.
Во последно време најчеста форма за објавување на стручни осврти и рецензии е публикувањето на каталози кои не секогаш ја задоволуваат формата која што еден каталог треба да ја има. Доколку организатор на изложбата е културна установа со вработен стручен кадар (историчар на уметноста) поголема е веројатноста во каталогот да стои осврт од кураторот или кустосот, но доколку изложбата е во самостојна организација на уметник-поединец често пати каталогот нема стручен осврт и на негово место нам ни се обраќа самиот автор, некој публицист, есеист, филозоф или пријател на уметникот. Дали последново е резултат на недоволни финансиски средства за организирање на изложба и печатење на каталог или улогата на ликовниот критичар и историчар на уметноста е сè повеќе маргинализирана во општеството?
Финансиска поддршка:
Сајмон Манди во својата книга “Културна политика: Краток водич“ во резимето во делот за визуелната и литературната уметност наведува меѓу другото дека “Главниот механизам за поддршка на уметниците и писателите треба да биде обезбедувањето средства за ангажирање за работа, директно или индиректно преку систем за презентација и издаваштво“
Поддршката на ликовната критика е секако директно поврзана со конкурсите што ги што ги распишува Министерството за култура. Па така преку “Конкурсот за доделување на месечни (годишни) надоместоци на самостојни уметници“ како можни корисници се наведени и критичарите кои треба да имаат континуирана литературна, музичка, ликовна, филмска, телевизиска критика преку дневни весници, периодика и други медиуми во последните 5 години.
До 2000 година дел од струковите здруженија имале статус на национални институции и биле комплетно финансирани од државата, но денес Министeрството за култура редовно ги поддржува работата и постоењето на струковите организации од областа на културата (регистрирани како здруженија на граѓани) како што се ICOM, ICOMOS, AICA, FREEPRESCI, BLUE SHIELD, преку финансирање на годишната членарина на членовите од Македонија, учество на меѓународни конференции и поддржување на проектни активности. Последните неколку години AICA “уживаше“ статус на пасивна организација, но се надевам дека со овој настан ќе успееме да ги испровоцираме летаргичноста и неактивноста на дел од колегите и да ја смениме сликата.
Од годишните програми на Министерството за култура, кои ни даваат увид кои проекти и активности се финансираат можеме да го забележиме следното:
– Во Годишниот извештај на Министерството за култура за 2004 година во делот за “Ликовна и галериска дејност“ е наведено дека се поддржани ретроспективно-монографски изложби на Петар Хаџи Бошков, Боро Митриќески, Тома Владимирски, Таки Павловски и други, а должно внимание било посветено и на истражувачки проекти како: геометрија и оп-арт, е-мигранти, водечки мајстори на современата архитектура, БИМАС и други. Во делот на издавачката дејност пишува дека се поддржани меѓу другите и списанија од областа на културата и литературата, или вкупно 36 списанија од кои 29 се реализирале.
Десет години подоцна во годишната програма од национален интерес за 2014 година во делот за издаваштво финансирани се стручни списанија од областа на литературата, историјата, културното наследство, музиката, класичните студии, филозофијата, театарот, стрипот од кои би ги би ги издвоила Културен живот, Стремеж, Акт и електронското издание Репер . Во делот за ликовната и галериска дејност бројот на поддржани самостојни и уметнички проекти е голем но преовладуваат самостојни изложби на сметка на кураторски проекти.
Во годишната програма од национален интерес за 2013 и претходните години во делот на поддршка на стручни списанија можеме да видиме дека се поддржани повеќе стручни списанија од областа на културата меѓу кои и СУМ, Музејски гласници, Разгледи, Современост, Блесок, Алтернатива, Големото стакло и други.
Продукцијата на вакви стручни списанија придонесува во извесна мера за објавување на сериозни текстови, осврти и критики, но сепак нивната непостојаност изгледа дека е основен предуслов за замирање на ликовната критика.
Сведоци сме дека со развивањето на интернет порталите се отвара можност за создавање на нови електронски списанија (Блесок, Окно, Репер) и објавување на текстови па и цели книги на www-мрежата, во неколку форми: блогови, преку социјалните медиуми и слично.
Но прашањето и понатаму останува отворено: дали неактивноста на критичарите и замирањето на ликовната критика е врзана со непостоење на доволни стручни списанија или во прашање е голема летаргија и замор? Тука ќе се повикам на Небојша Вилиќ кој при еден разговор изјави дека пишувањето ликовна критика е порив да се изразиш и да се искажеш кој тера да пишуваш и објавуваш.
За жал постоењето на дневните весници, неделници и месечници кои би требало да нудат простор за објавување на осврти и рецензии од изложби, не е повеќе прашање на културна политика бидејќи овој дел од издаваштвото поодамна е приватизиран и пазарно ориентиран.
Секако постои и дилема дали може да се најде можност за развој и поттикнувањето на ликовната критика кога истата би била во спрега со економските механизми во општеството, поточно со развојот на креативните индустрии и економии. Дали доколку би се развил пазар на уметнички дела и развиена мрежа на дистрибутери на уметнички дела (галерии, аукциски куќи, приватни колекционери, менаџери) на кои им е потребна уметничката критика како еден од можните верификатори и проценители на вредноста на еден уметник или неговите дела? Дали оваа практика може да опстане единствено во развиените економии и големи пазари или може да се направи микро-пазар од кој корист би имале и уметниците и менаџерите и ликовните критичари(промотори)? Но како и на сите индустрии и оние кои произлегуваат од културата им е потребно стабилно и охрабрувачко деловно опкружување.
Драгољуб Раша Теодосијевиќ во својот текст од 1975 година “Единбуршка изјава: Кој профитира од уметноста, а кој чесно заработува“ наведува дека меѓу другите од уметноста профитираат и “оние кои собираат данок на авторски хонорари“ ….“галерии“…. “продажните галерии и нивните службеници“… “галерии без профит“.. “галеристи, галериски водичи, кустоси во галериите и нивните лични секретари и пријатели“… “платен и неплатениот совет во галериите кој собира пари затоа што не е платен“ …. “уметнички критичари од сите фели“ .. “неделни, месечни, тромесечни или полугодишни списанија за култура“ и…
Користена литература:
1. Национална стратегија за културата 2013-2017
2. Mинистерство за култура на РМ wwwkultura.gov.mk
3. Сајмон Мунди, Културна политика:Краток водич,ФИООМ,2000
4. Годишен извештај на Министертвото за култура на РМ за 2004 година
5. M.Dragicevic Sesic, S.Dragicevic, Menadzment umetnosti u turbulentnim okolnostima,CLIO,2005
6. COMPENDIUM cultural policies and trends in Europe, Country profile of FYRO Macedonia: www.compendium.net
Текстот на Нада Пешева е прилог кон симпозиумот на AICA Македонија во 2014 година, на тема Ликовната критика денес: “Но, јасно, и критика на уметноста“ .