Здружението на ликовни критичари „AICA Македонија“ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2023 година од областа на ликовната критика. Комисијата во состав Елена Вељановска, Владимир Јанчевски и Тихомир Топузовски одлучи наградата „Ладислав Баришиќ“ да се додели на проектот „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“ на Нада Пешева, заради важноста, актуелноста и акутноста на истражувачката проблематика.
Прашањето за видливоста на жените авторки и ре-испитување на позицијата на жената во светската уметничка сцена, е дел од новите политики и тенденци и во современата светска ликовна критика и теорија, а прашањето за учеството на жената како авторка во совремната ликовна сцена е предмет на интерес и кај нас особено во периодот по 90тите.
Оттука, истражувањето се фокусира на женското учество во современата уметничка сцена, со посебен осврт на квалитетот и квантитетот на културните политки во стимулирање на учеството на жените во современата ликовна/визуелна уметност во Македонија во периодот на 1990-тите години, но и степенот на инклузивност на родови теми во рецентната уметничката продукција.
Истражувањето ќе се осврне на референтни изложби и кураторски проекти кои застапуваат, поттикнуваат и промовираат еднаква презентација на жени уметници реализирани преку програмските активности на националните установи и независната културна сцена, но и вклучување на дела од женски авторки во колекциите на установите, во објавените публикации и слично.
Нада Пешева (1976, Скопје) дипломирала на катедрата на Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2000). Магистрирала на тема “Културна политика и менаџмент“ на Универзитетот на уметности во Белград, Србија (2013). Во моментот е докторант на катедрата за Културолошки студии на Институт за македонска литература, УКИМ. Во потесен интерес на нејзината работа влегуваат ликовната теорија и критика, културниот менаџмент и политика, културниот туризам, културните индустрии и родовите прашања во културата. Учествувала на повеќе локални и меѓународни конференции, дебати и симпозиуми во земјата и странство и објавувала трудови во повеќе научни списанија и публикации. Во моменов е вработена во Агенција за промоција и подршка на туризмот. Член е на Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“, а била и член на Управниот одбор на здружението.
Доделувањето на наградата „Ладислав Баришиќ“ се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на РСМ.