Годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – АИКА Македонија, насловен „Изведбени реалности“, ќе се случи на 10-ти декември (петок) 2021. во Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток од 13 часот.
Работната сесија на програмата вклучува излагања и дискусија на тема „ Изведбени реалности,“ конципирана и модерирана од Бојана Јанева
Учесници: Искра Димитрова, Ана Франговска, Ивана Васева, Биљана Тануровска – Ќулавковски
Овогодинешната тема на симпозиумот е поттикната од истражувањето „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“, на добитничките на АИКА наградата за оваа година, Билјана Тануровска и Ивана Васева, со цел да се осврнеме кон каузалноста за појавата и присуството/отсуството на перформативните уметнички делувања како начин на општествен активизам во нашата земја.
Во многу минати и рецентни светски примери, уметниците мобилизирале преку активно вклучување и придонес на публиката во кризни времиња. Уметноста како политичка алатка е значајна алка во светот на постојани брзи промени, каде медиумите го диктираат начинот на пренесување на пораките од државните естаблишменти. Најдиректна уметничка пракса е перформасот, при кој, уметничкото дело ја надминува личната уметничка експресија со инкорпорирање на разновидни материјали, вклучувајќи го времето, просторот, телото и нагласеното значење на гледачот, преку кои се врши социјалната критика и се третираат општествените проблеми. Дуалната природа на уметничкиот активизам е дефиниран од естетско-општествените практики, пројавено од градење на колективен идентитет до вклучувачките/исклучувачките политики и институционална критика.
На овој симпозиум на АИКА преку примерите на перформансот кај нас, прикажани преку уметничките проекти и акции во јавен простор на уметницата Искра Димитрова и видувањето на кураторката Ана Франговска, ќе се осврне внимание кон перформансот, кој е еден од најмоќните генератори на општото мнение во тектонските општествени промени од денешницата, кои се случуваат и во нашата земја, но застапеноста на оваа уметничка пракса, се чини не соодвестува на реалноста. Истовремено, добитничките на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година, Биљана Тануровска- Ќулавковски и Ивана Васева ќе го претстават нивниот истражувачки труд „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“.
Организација: Управен одбор на AICA Македонија. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје, со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.
Биографии на учесниците на симпозиумот:
Ивана Васева (1984, Скопје) е кураторка и истражувачка на кросдисциплинарни, соработнички и општествено ангажирани дела и програми во современата визуелна уметност. Досега курирала и претставила многу изложби, дискурзивни проекти и различни програми во земјава и во странство и издала и уредила повеќе публикации. За проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ја доби престижната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година (кураторка на проектот). За истражувачкиот проект „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ (2015 година, коавторка) е добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ на АИКА – Македонија, а е добитничка и на посебната награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (2014 година, коучесничка). Таа е програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) и е кокураторка на АКТО Фестивалот за современи уметности кој постои од 2006 година. Васева дипломирала на Факултетот за историја на уметност при УКИМ во Скопје, а специјализирала кураторство на Кураторската програма на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.
Искра Димитрова (1965, Скопје) завршила филозофија на Филозофскиот факултет, 1988 г. и скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 1990 г. Имала самостојни изложувања и мултимедијални проекти во Скопје 1991, 1992,1993, 1994, 1997, 1998, 2006, 2017 и 2019 г., во Медисон, САД 1993 г., 1996 г. во Вршац Југославија, во Рочдејл, Англија и во Загреб, Хрватска, 2003 г. во Токио и 2004 во Јокохама музејот во Јапонија. Со уметнички проекти/инсталации учествувала на бројни групни изложби во еминентни институции во Македонија и низ светот како Форум на Јапонската фондација, Токио, Модерна музеет, Стокхолм, Музеј на современата уметност Скопје и Белград, Музеј на модерна уметност Лудвиг, Виена, Национална галерија на Македонија, Уметностна галерија, Марибор, Национална галерија Тирана, Бруклински музеј, Музеј на современа уметност Метелкова, Љубљана, како и Центарот за современа уметност во Лариса и во Гњилане, Аомори центарот за современа уметност, Јапонија и Визуелниот центар за уметност, Данди, Шкотска и многу други. За нејзините дела пишувале македонски реномирани ликовни критичари и куратори, како и Шарлота Котик, Линда Нохлин, Бранко Франчески, Јара Бубнова, Аурора Фонда, Желимир Кошчевиќ, Брацо Заврник, Макико Матаке и др. како и во Фајненшл тајмс, Асахи Шимбун и Токио Шимбун. 1999 г. е неофицијален претставник на Македонија на Биеналето во Венеција, а 2007 г. со изложбата Глобални феминизми, се отвора новиот дел на Бруклинскиот музеј. Во таа пригода, делото на Димитрова беше меѓу само четирите за кои имаше посебен осврт и во “Њујорк Тајмс”.
Биљана Тануровска-Ќулавковски е продуцентка, кураторка и истражувачка и, која спојува знење, искуство и значења произведени во полето на културните политики, управувањето со културата, теоријата на уметност и изведба, изведбените уметности и критичка теорија. Во 2003 година таа го ко-основа ЗГ. ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура, каде што работи како програмски директор до денес. Тануровска е ко-основач на мрежи, платформи и простори, меѓу кои НОМАД Танц академија (НДА) и Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура во Скопје. Со Локомотива ги ко-основа Јадро-здружение на независна културна сцена и Кооператива- регионална платформа за култура. Од 2011 -2020 година е надворешен предавач на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала историја на уметност и археологија, магистер е на науки по интеркултурализам, културен менаџмент и културни политики на Универзитетот за уметности во Белград, а докторира на Факултетот за драмски уметности во Белград. Во 2019 год. за својот докторски труд ја добива престижната „Награда за истражување во полето на културните политики и менаџментот во култура во 2019 година“ на ENCATC- Европската мрежа на универзитети за културни политики и за менаџмент во културата.
Ана Франговска е креативен и динамичен уметнички професионалец со дваесетгодишно кураторско, едукативно и истражувачко искуство во современата визуелна уметност. Работи како виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија во изминатите петнаесет години. Франговска е докторски кандидат за трансдисциплинарни студии по современа уметност и медиуми на Факултетот за уметности и медиуми во Белград. Курирала и организирала голем број институционални, но и независни проекти во земјата и во странство. Била куратор на македонскиот павилјон на 55. биенале во Венеција, Италија, во 2013 година, на проектот „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева.
Бојана Јанева-Шемова (Скопје, 1977) историчар на уметноста, куратор и куратор-едукатор. Дипломирала Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет-Скопје (2000). Магистерски студии завршила на „Уметност и културно наследство: културен менаџмент, едукација, и културни полиси“, Maastricht University, Холандија (2010). Има работно искуство како куратор во Националната галерија на Македонија (2008/2009). Од 2012 е еден од основачите на Арсакта, здружение за култура и уметност. Како самостоен куратор, соработник или организатор работела на реализацијата на повеќе самостојни и групни изложби во земјата и странство. Во 2009 куратор е на македонското учество, со Гоце Наневски, 50/50, на Биеналето во Венецијa. Од 2017 до 2021 година, во Музејот на современа уметност, се јавува како куратор на изложбите „Конекции во колекции“; поставката на Система на Никола Радуловиќ и „Таму“ на Милчо Манчевски. Потоа, креира инклузивни работилници со деца со атипичен развој и нивни врсници од училиштата во Центар. Како и организирање на кураторски прошетки низ тековните изложби во МСУ. Во 2021 започнува со долгорочниот проект Најново нормално за афирмација на современата и модерната уметност во општеството.