Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година од областа на ликовната критика. Комисијата во состав Мира Гаќина, Владимир Јанчевски и Маја Чанкуловска Михајловска одлучи наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година да се додели на проектот „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“ на Биљана Тануровска – Ќулавковски и Ивана Васева, заради релевантноста на темата во денешниот културен но и општествено – политички контекст.
Перформансот, според авторките, како еден од оние видови на уметност од лиминална и гранична природа, и проширено значење кое се шири и вонуметничкото и естетското, создава различни мапи и остава траги кои се влијаени од социо-политичките, економските и културните околности во одреден период, време, и простор, и со тоа создава бројни мрежи на значења.
Истражувањето насловено „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“ ќе го истражува перформансот како естетски, но и проширен термин, како оној што се шири низ дискурсите, започнувајќи од човековото однесување за да вклучи цела низа феномени поврзани со ефикасноста, каде што продуктивноста не се однесува на поединци и групи, но на системи, технологии и социјални апарати.
Специфичниот контекст на деведестетите години на минатиот век во Македонија е период оптоварен со настани што можат да послужат како „материјал“ за уметниците. Меѓу горливите политички, економски, социјални и културни прашања од 90-тите години на минатиот век – војната во регионот, приватизација, мултикултурализам, етнички немири, идентитетски прашања, преминот од социјализам во капитализам, итн. можат да се забележат низа културни перформанси низ чија призма може и да се разгледува како, зошто и каде се развивало перформативното политичко и политичкото перфомативно.
Во оваа насока,намерата на авторките да ги истражат политичките перформанси во земјава, во обид да пронајдат форми на критичка уметност како перформанси или перформанси како проширен поим што ја задржуваат политичноста како форма на критичност и антагонизам кон доминантната социјална и културно- политичка состојба на работите.
Биљана Тануровска -Ќулавковски е продуцентка, кураторка и истражувачка и, која спојува знење, искуство и значења произведени во полето на културните политики, управувањето со културата, теоријата на уметност и изведба, изведбените уметности и критичка теорија. Во 2003 година таа го ко-основа ЗГ. ЛОКОМОТИВА – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура, каде што работи како програмски директор до денес. Тануровска е ко-основач на мрежи, платформи и простори, меѓу кои НОМАД Танц академија (НДА) и Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура во Скопје. Со Локомотива ги ко-основа Јадро-здружение на независна културна сцена и Кооператива- регионална платформа за култура. Од 2011 -2020 година е надворешен предавач на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала историја на уметност и археологија, магистер е на науки по интеркултурализам, културен менаџмент и културни политики на Универзитетот за уметности во Белград, а докторира на Факултетот за драмски уметности во Белград. Во 2019 год. за својот докторски труд ја добива престижната „Награда за истражување во полето на културните политики и менаџментот во култура во 2019 година“ на ENCATC- Европската мрежа на универзитети за културни политики и за менаџмент во културата.
Ивана Васева (1984, Скопје) е кураторка и истражувачка на кросдисциплинарни, соработнички и општествено ангажирани дела и програми во современата визуелна уметност. Досега курирала и претставила многу изложби, дискурзивни проекти и различни програми во земјава и во странство и издала и уредила повеќе публикации. За проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ја доби престижната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година (кураторка на проектот). За истражувачкиот проект „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ (2015 година, коавторка) е добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ на АИКА – Македонија, а е добитничка и на посебната награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (2014 година, коучесничка). Таа е програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) и е кокураторка на АКТО Фестивалот за современи уметности кој постои од 2006 година. Васева дипломирала на Факултетот за историја на уметност при УКИМ во Скопје, а специјализирала кураторство на Кураторската програма на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.
Доделувањето на наградата е овозможено со финансиска поддршка од Министерство за култура на РСМ и Град Скопје.