10 декември (понеделник) 2018, 14.00 – 16.00 ч.
Музеј на современата уметност, Скопје
Организација: Управен одбор на AICA Македонија
ПРОГРАМА НА СИМПОЗИУМОТ:
I дел: Доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“
14:00 – 14:20 – Воведен збор и доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика на годинешниот добитник Славчо Димитров;
II дел: Работна сесија: „Обиди за дефрагментација: проширување и интегрирано развивање на хибридната институционална рамка“, конципирана и модерирана од Владимир Јанчевски;
14:30 – 14:40 – Владимир Јанчевски: Вовед во концептот и изложувањата на панелистите во работната сесија „Обиди за дефрагментација“
14:40 – 14:45 – Ивана Васева, ФР~У, „Работи кои не се учат или треба да се одучат: деколонизација на знаењето и односите“
14:45 – 15:00 – Слободанка Стевческа, ОПА Фондација: „Архива ЗаУм“
15:00 – 15:15 – Тихомир Топузовски, ликовен уметник и теоретичар: „Форуми на радикалноста“
15:15 – 15:30 – Бојан Иванов, историчар на уметноста: „Деветтиот печат“
15:30 – 16:00 – Завршна дискусија;
ТЕМАТСКИ КОНЦЕПТ НА СИМПОЗУМОТ:
„Обиди за дефрагментација: проширување и интегрирано развивање на хибридната институционална рамка“, конципирана од Владимир Јанчевски
“I must go on. I can’t go on. I’ll go on”
– Samuel Beckett, The Unnamable
Дали повторно да се зборува за ликовната критика, за изменетата форма во која се јавува, или за нејзиното непостоење и причини во радикално изменетата ситуација, ако притоа не сме спремни да се договориме за најосновните поими? Или, можеби треба да се осврнеме на некои од позитивните примери и практики кои се иницирани, конципирани и реализирани во услови на отежнато или оневозможено дејствување кое потекнува од самата дисфукционалност на институциите на културата (во областа на визуелните уметности) и немањето на јасни културни политики во насока на дефинирање и одбрана на јавниот интерес.
Идејата за работната сесија, наместо да биде поттикнат од некој конкретен личен интерес и со цел да не се сведе на наметната специјализирана тематска рамка, произлегува од проследувањето на активностите на некои од најактивните поединци, групи или организации во последните неколку години со акцент на дискурзивно-едукативна компонента со цел надградба на институционалната рамка. Затоа, предлогот е фокусот на работната сесија да се стави на презентација на неколку значајни рецентни проекти, а притоа се разгледаат можностите за зајакнување на нефункционалната институционална мрежа.
Работната сесија насловена „Обиди за дефрагментација: Проширување и интегрирано развивање на хибридната институционална рамка“ е конципирана во насока на заедничко претставување на неколку рецентни проекти и програми кои се значајни за поттикнувањето и развојот на девастираната институционална мрежа. Нивното издвојување е со цел да се проговори за мотивите, идеите и проекциите во насока на поодлучна реинтеграција.
Дефрагментацијата на системите, на кои се реферира во насловот, оттука може да послужи како метафора не само за потребата од најбазично консолидирање на расцепканата сцена, туку и во насока на отворање на простор за покрупно општествено планирање и проектирање на иднината, преку различни форми на хибридизација.
На крај се поставува прашањето, дали конечно можеме да се надеваме на дефрагментација која ќе придонесе за поттикнување на „блокираната имагинација“ и спречување на понатамошната дезинтеграција на општествената сфера или, пак, ќе останеме на ниво на бекетовиот безнадежно упорен, фрагментиран и неименуван субјект закотвен во неговото „Морам да продолжам. Не можам да продолжам. Ќе продолжам“.
АПСТРАКТИ:
Ивана Васева: Работи кои не се учат или треба да се одучат: деколонизација на знаењето и односите
Несигурните и нејасно дефинираните услови во производствените односи во уметноста и културата кои довеле до недостаток на можности, средства и широко/разнолико знаење за развој на уметничките перформанси и аспирации, како и реперкусиите од ретроградното образование и педагошко воспитување, си го продолжуваат својот континуиран развој во неолибаралниот понор. Нивните манифестации секојдневно водат кон дополнителни несигурности но и се дополнителни предизвикувачки причини за развој на програми кои би делувале во насока на градење на подобри и поинакви околности за живеење и работење, посебно разгледувајќи ги овие од една постсоцијалистичка позиција. Важно прашање е, дали сакаме и можеме поинаку да делуваме и да применуваме радикално поинакви стратешки позиции? Во таа насока, коценпциските приоди на деколонизација на знаењето и разнишувањето на институционализираното модернистичко функционирање, како и субвертирањето на неговите досега познати хиерархиски односи, можат да биде добра стартна основа за поинакво делување.
Во рамки на оваа презентација ќе се опфатат неколку проекти кои се обидуваат да начнат поинакво размислување: дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, АКТО Фестивалот за современи уметности и програмата „Институција за можните иднини“.
Слободанка Стевческа: Архива ЗаУм
Првиот модул на ОПА фондација е дефиниран со креирањето на архивата „ЗаУм” – онлајн дигитална архива на материјали поврзани со македонската современа ликовна уметност. Архивата е некомерцијална и нејзината намена е едукативна.
Постои онлајн од март 2017 г. и е во континуиран процес на дополнување. Архивата е организирана во објави („постови”), секоја од нив посветена на одреден настан: изложба, манифестација, објавување на книга, критика во дневен весник, итн. Пребарувањето на содржините е овозможено преку неколку филтри или категории (тип на настан, тип на институција, име на автор, дисциплина, тип на документација, период, место на случување и сл.). Фокусот на архивата е дигитализирање на секундарните материјали поврзани со ликовната уметност (каталози, фото и видео документација, осврти, интервјуа, ТВ емисии и сл.) и нивно споделување. (www.opafondacija.org/zaum/)
Тихомир Топузовски: Форуми на радикалноста
Презентацијата ќе се фокусира на покренувањето два проекти во Музејот на современата уметност во Скопје; Големото стакло како ново ниво на реализација на публицистички проект и создавање критичка платформа за промислување и проследување на современите текови во уметноста, теоријата и критиката; и програмата Радикално образование која подразбира ангажираност околу актуелните општествени предизвици, обезбедувајќи квалитетни предавања, учења и соработки во сферата на современата уметност. Во презентацијата ќе се посочи на комплементарноста на двата проекти, појдовните идеи и визии.
Бојан Иванов: Деветтиот печат
Темата е најавена во насловот – како пост-пост-апокалиптично откровение за целисходноста на модерната култура и ликовна уметност. Бројот од насловот, меѓу останатото, се надоврзува на – повеќе од две децении – старата книшка Осум предавања за историјата на уметноста. Во извесна смисла, отворањето (кршењето!?) на деветтиот печат, значи отворање на дебата за историската супстанца на современата култура, како и за процесите чиешто водење и насочување може да се спроведе преку толкување … на иднината замислена во минатото и на сегашноста на распаќе.
БИОГРАФИИ НА УЧЕСНИЦИТЕ:
Владимир Јанчевски (1984 / Скопје) е самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социополитички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти.
Контакт: janchevski@gmail.com
Ивана Васева (1984, Скопје) e кураторка, истражувачка и авторка на повеќе проекти кои најчесто се мултидисциплинарни и речиси секогаш се соработнички и ангажирачки во обид да конфронтира места на желби, контестира востпоставени релации и ги запрашува постоечките начини на продукција и гледање. Таа е програмска директорка на организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.
ОПА (Опсесивно посесивна агресија) е соработка помеѓу Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски, која започнува во 2001 година. Нивните практики се контекстуални, не-колектибилни и ефемерни, или дистрибуирани во повеќе примероци. Почнувајќи од 2014 год., ОПА креира уште два паралелни идентитети. Последниот, ОПА фондација, е креиран во 2016 година и претставува уметничка стратегија која се фокусира на развивање практични утилитарни решенија и конструктивни уметнички практики како алтернатива на критичките. Се состои од неколку модули, кои се развиваат и објавуваат постепено. (www.o-p-a.org)
Тихомир Топузовски има докторирано на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје и Академијата за ликовни уметности во Скопје, каде има одбрането и магистерски труд. Во периодот 2015-2017 работел како постдокторант и предавач на Универзитетот Содертон во Стокхолм, Шведска. Од 2016 година работи на проектот Temporary urbanism lab на Универзитетот во Бирмингем, додека од 2018 е главен и одговорен уредник на списанието Големото стакло и ангажиран како раководител на интердисциплинарната програма во Музејот на современата уметност во Скопје.
Бојан Иванов (1958, Скопје), историчар на уметноста и ликовен критичар. Додипломски и постдипломски студии на Институтот за Историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Работи како соработник на Институтот за историја на уметноста и археологија во Скопје (1986/93); претседавач на првиот состав на Програмскиот Одбор на Сорос Центарот за Современи Уметности, Скопје (1994/98); вршител на должноста управител на Музејот на Македонија, Скопје 2002/04. Објавени изданија: „Осум предавања за историјата на уметноста“, Музеј на современа уметност, Скопје (1997); „Корени и ризоми“ (во коавторство со Бранислав Саркањац), Сорос центар за современи уметности, Скопје (2001); „Мојот занает“, Културна установа Блесок, Скопје (2009). Од 2007 година, како основач на Мала Галерија, ја води излагачката и издавачката програма на ова друштво за дејности во културата. (malagalerija@t-home.mk)
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Град Скопје и семејството Баришиќ, со институционална поддршка од Музејот на современа уметност Скопје.