Избрано новото претседателство на AICA Македонија
На последниот состанок оддржан на 18. 06. 2018, Мира Гаќина поднесе оставка од претседател на AICA Македонија поради можен конфликт на интереси, но и поради обврските како директор на Музејот на современата уметност кои ја спречуваат попосветено да го води здружението. Јованка Попова, која досега беше секретар на здружението, беше предложена од Мира Гаќина и едногласно избрана од присутните членови.
Јованка Попова (1980, Скопје) е куратор и програмски координатор на Проектниот простор Прес ту егзит. Магистрирала на Институтот за Историја на уметноста, насока – современа уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. На истиот институт, била ангажирана како демонстратор по предметот “Македонска современа уметност”. Соработувала на повеќе научни и истражувачки проекти од областа на историјата на уметноста. Учествувала на неколку меѓународни конференции и симпозиуми и одржала презентации и предавања на Humboldt University, Central European University во Будимпешта, Goethe University, Франкфурт, Hankuk University of Foreign Studies, Сеул, Kunst Historisches Institut, Фиренца, Bahcesehir University, Истанбул, Trondheim Academy of Fine Arts и други. Автор е на повеќе текстови и предговори во каталози од областа на современата уметност и ликовната критика. Работи како надворешен соработник во Музејот на современата уметност Скопје. Од 2017 е извршен директор на Јадро-Асоцијација на независната културна сцена.
Според востановената практика, во новиот мандат претседателот ги предлага членовите на Управниот одбор во кои влегуваат: Тихомир Топузовски – потпретседател; Елена Велјановска – секретар; Бојана Јанева Шемова – благајник.