Годишна награда “Ладислав Баришиќ” на AICA Македонија
Здружението на ликовни критичари AICA Македонија распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика во Македонија.
Наградата има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.
Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на У.О. на AICA Македонија). Кандидатите треба да се граѓани на Република Македонија или пак странски државјани кои живеат и работат на територијата на Република Македонија повеќе од една година.
Наградата е во висина од 30.000 денари и за неа ќе одлучува трочлено стручно жири.
Конкурсот е отворен од 11 мај 2018. и трае до 1 јуни 2018.
Кандидатите треба да достават:
- опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1500 збора)
- CV на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето).
Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на декември 2018., пред годишниот симпозиум на AICA Македонија каде наградената реализација ќе биде претставена.
Истражувањето ќе биде преведено на англиски јазик и ќе биде објавено на веб порталот на AICA Македонија.
Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 10 јуни, 2018.
Материјалите треба да се испратат на следната адреса:
Наградата е финансиски подржана од Министерство за култура на Р.М, Град Скопје и семејството Баришиќ – со посебна благодарност до Владимир Баришиќ.