Ликовна или визуелна уметност?

17 декември 2015, Клуб ГЕМ, Скопје

Организација:
Управен Одбор на AICA Македонија

ПРОГРАМА НА СИМПОЗИУМОТ:

I дел: Доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“

17:00 – 17:15 – Воведен збор и доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика на годинешните добитници: Ивана Васева и Филип Јовановски.

II дел: Презентација на истражувањето на добитниците на наградата за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика

17:15 – 17:45 – Презентација на истражувањето „Колективното делување како политичка, а не организациска одлука” на Ивана Васева и Филип Јовановски;

III дел: Претставување на истражувањето „Некомплетна архива на една кратка историја на критиката и кураторството во Македонија“

17:45 – 18:00 – Презентација на новата веб страна на AICA Македонија, Зоран Петровски;

18:00 – 18:20 – „Некомплетна архива на една кратка историја на критиката и кураторството во Македонија“, проект на Јованка Попова, Зоран Петровски, Марика Бочварова Плавевска и Ана Франговска.
18:20 – 18:30 – Кратка пауза.

IV дел: Работна сесија „Ликовна или визуелна уметност?“, конципирана и модерирана од Сафет Ахмети

18:30 – 18:40 – Вовед во концептот и изложувањата на панелистите во работната сесија „Ликовна или визуелна уметност?“.
18:40 – 18:55 – Горан Јанев, „Забрзано поврзување: антрополошки третирана уметност“.
18:55 – 19:10 – Софија Грандаковска, „Што опросторува сликата?“.
19:10 – 19:25 – Славчо Димитров, „Ан-анархични сензориуми на бидувањето-во-заедничкото: Размените помеѓу политичкото и естетското“

19:25 – 20:10 – Дискусија
20:10 – 20:30 – Коктел

АПСТРАКТИ:

> Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука на Ивана Васева и Филип Јовановски е истражувачки проект кој испитува одреден аспект / карактеристика од македонската историја на уметноста во втората половина на 20-ти век започнувајќи од 1945 година, но и да навлезе во најновата уметничка продукција во земјава – а тоа е идејата на колективното здружување на полето на уметничката продукција во различни уметнички групи со идеја да ја види моќта, потенцијалот и оттаму политичката релевантност на ваквите практики.
Поконкретно, овде се истражува работата во група / колектив од уметници кои преку нивното делување иницираат политичка промена односно создаваат нови односи и релации, градат капацитети и отвораат пукнатини во воспоставениот поредок, пукнатини кои водат кон замислување или согледување на нови идеи за друго општество.
Истражувањето се концентрира на неколку различни уметнички практики во текот на овој поголем период како група Денес, Иницијативата КООПЕРАЦИЈА и други.
Целта е на едно место да се попишат, споредат и евалуираат уметнички достигнувања работејќи и делувајќи како колектив, а со тоа и промовирајќи активен граѓански и општествен дух наспроти манифестираните реторики на ретроградност и идеолошка обоеност која со себе си носи и голема доза на пасивност.

> Некомплетната архива на една кратка историја на критиката и кураторството во Македонија е истражувачки проект инициран од AICA Mакедонија – Здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и куратори кои дејствуваат на полето на модерната и современата уметност. Предмет на неговото истражување е развојот на уметничката критика и кураторските практики во Македонија, претставени преку архива која се состои од документација на минати проекти и тековните практики на членовите на Здружението. Целта на проектот е преку создавањето на архивата како отворена збирка на знаење, која е во процес на постојано надоградување да ја преиспитува улогата на критичарот и кураторот, како во однос на уметничките практики, теориите на културата и институциите на уметноста, така и во однос на движењата и промените во општиот и локален социо-политички контекст.
Првиот посебен проект во рамките на Некомплетната архива насловен како Архивизам и активизам: што (е тоа што) ни е заедничко? преку осврт на критичките и кураторски практики стреми да даде вовед во развојот на различни облици на социјално ангажирани уметнички практики на територијата на Македонија во различни специфични социо-политички услови, од периодот од педесеттите години до денес. Одговорни за концепцијата на овој проект се Марика Бочварова Плавевска, Ана Франговска, Зоран Петровски и Јованка Попова.

> Сафет Ахмети, Ликовна или визуелна уметност? За историчарот на уметноста изборот на пристап кон делото е едно од најважните прашања. Положбата на историчарот на уметноста, од една страна, е поставена на нужно растојание од положбата на уметникот – од неговата намера и умешност, но од друга страна, со процесот на интерпретација е во самото средиште на културата која произведува значења и смисла. Тоа е, всушност, задачата на хуманистичките науки воопшто.
Повеќе не се нови, но затоа стануваат сѐ позачестени размислувањата дека анахроните теоретски модели со кои се служи историјата на уметноста не само што го отежнуваат опфатот на низа уметнички појави од втората половина на 20. век, туку и послободниот аналитичко-интерпретативен пристап кон уметноста на постарите периоди.
Што е тоа што е предмет на критика? Пред сè, станува збор за инертноста на пристапот кон уметничкото творештво. Имено, иако не е спорна потребата од класификација и организација на обемната граѓа, се наметнува прашањето за доволноста или самодоволноста на иманентниот еволуциски методолошки пристап, кој го има статусот на „традиционална“ историја на уметноста? Факт е дека и низ емпириското и низ монографското проучување на уметниците и на периодите се решавани прашањата за причините и околностите за појавата на уметничките правци, но безмалку исклучиво низ прашањата на стилот, односно низ „внатрешната“ содржина на уметничкото дело. Всушност, она што е најпроблематично е токму обидот да се востановат универзални вредности – естетски и општествени.
Во изминатите неколку децении, благодарение на силниот поттик од другите хуманистички науки, а пред сѐ на постструктуралистичкиот пресврт во теоријата на книжевноста, во преден план излегоа прашањата за културолошкото позиционирање на маргинализираните категории, а оттаму и за распределбата на моќта, како и за политиката на визуелното прикажување. Проучувањето на овој вид прашања е од исклучително значење за ревитализацијата на историјата на уметноста како научна дисциплина, за нејзино надополнување и прилагодување кон новонастанатите состојби.
Промените во современите визуелни уметности можеме да ги забележиме на секој чекор, во исказот, во случувањето на уметничкиот настан, но и во конзумацијата на истиот. Можеби концептуалистичките шеесетти години од минатиот век беа директен резултат на модернистичкото настојување да ѝ се измолкнат на секогаш достижната реификација на чистата идеја, но воедно го означија преминот кон изедначување на уметноста со животот. Чистата форма, сликарството на обоеното поле и минималистичката уметност го отворија патот кон прифаќање на различноста, односно другоста, изразена низ женското писмо и ракописот на различните културни групи. Започна да се брише границата помеѓу високата и популарната уметност, но, исто така, се изродија нови хибридни жанрови, како перформансот, инсталациите, а своето место го зацврстија и новите медиуми и дигиталната технологија. Притоа, акцентот сѐ повеќе се става на интеракцијата, односно на преформулирање на публиката од корисник во учесник. Денешното визуелно творештвото, или поточно кажано визуелна продукција, го претставува токму тоа соединување на уметноста и животот. При тоа, како што укажува Николас Мирзоф, „(пост)модернaта деструкција на реалноста се оствари во секојдневниот живот, а не во ателјеата на авангардата“. Имено, брзината на конзумација на визуелната информација воедно го диктира и квалитетот на таквата информација. Но, од друга страна, токму таквиот развој на актуелната продукција на информации му овозможува на ликовно осмислениот исказ дополнително да дојде до израз во истакнувањето на моќта на визуелниот медиум преку евоцирањето на чувствата како „восхит, стравопочит, ужас и желба“ .
Ваквата состојба ни дава за право средствата за идентификување, анализа и толкување на визуелното творештво да ги бараме на повеќе различни места, наместо само на едно. Заради тоа ни е неопходен интердисциплинарниот пристап. Впрочем, токму интердисциплинарните истражувања го сочинуваат јадрото на проучувањата што произлегоа од шеесеттите години на минатиот век наваму: културолошките, потоа медиумските и најпосле визуелните студии.
Оттука, годинешниов симпозиум на АИКА – Македонија претставува покана до стручни лица од други општествени области кои не се во директен контакт со историјата на уметноста да го дадат своето видување на прашањата:
1. Што е ликовната (визуелната) уметност денес?
2. На кој начин нивната струка би можела да придонесе (но и да извлече полза) кон методите и приодите на обработка на обемниот визуелен материјал што е во оптек?

> Горан Јанев, Забрзано поврзување: антрополошки третирана уметностЗабрзувањето, акцелерацијата и големата поврзаност и испреплетеност се основните карактеристики на денешното општество и денешната уметност и потребата да се фиксира и стабилизира флуктуирачкото и непредвидливото станува се посилна. Долго време и сè уште присутен е есенцијализмот, како утешително најсоодветен одговор нудејќи фиксирани и стабилни идентитетски претстави за поединецот и колективот. Ова изсилено когнитивно стабилизирање, базирано на структуралистичкото класификување и подредување се почесто и појасно потфрла да ги даде одговорите и создава нови проблеми. Напуштањето на оваа парадигма е неминовност. Затоа, од веќе преовладувачката, флуидна, проточна и релациска перспектива ќе ги понудам моите размисли како антропологијата го бира и третира својот предмет на истражување и во рамките на тоа како ја третира уметноста.

> Софија Грандаковска, Што ја опросторува сликата? Дали визуелната уметност денес опросторува нова состојба на знаење? Дали тоа знаење е афективно или когнитивно? На кој начин – линеарно, циклично или поинаку – историските наративи кореспондираат со современата уметничка граматика? Во средиштето на овие прашања стои дискусијата за врската меѓу секуларизмот сфатен одговор на политичките проблеми на западното општество со потекло во модерното време и вдоменоста на контингентот: слики на дехуманизација во уметноста, повторно овде и сега.

> Славчо Димитров, Ан-архични сензориуми на бидувањето-во-заедничкото: Размените помеѓу политичкото и естетскотоВо рамки на презентацијата ќе понудам неколку различни модели на мислење на концептот за “политичкото“ и неговата разлика во однос на концептите за политика, полиција и биополитиката/управување. Тргнувајќи од некои од основните претпоставки на комплексното поле на пост-основополжничката политичка филозофија, сопоставувајќи и вкрстувајќи ги со различни режими на разбирање на културата и естетското, презентацијата има за цел да претстави теориски модел за промислување на точките на преклопување, ко-конститутивност и нужно разликување на естетското со/од политичкото. Посебен фокус ќе биде ставен на концептот за “дистрибуција на сензибилното“, “регулација на афектите и телесноста“, “дисензус“, “агонизам“ (како прекини и редистрибуција на хегемониските модели на оркестрирање на заедничкиот живот), “социјална кореографија“, а со цел да посочам кон нужноста од и конститутивниот дијалог помеѓу уметноста и политичкото.

Биографии:

Ивана Васева e кураторка и историчарка на уметност. Дипломирала на Факултетот за историја на уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а учествувала на проектот „Расшколувано знаење“ (колективна самоедукација во уметноста и културата) и специјализирала во полето на кураторство на визуелни уметности како дел од кураторската програма (2011/2012) на Апел Артс Центарот во Амстердам (Холандија). Во моментов работи како независна кураторка која ја истражува агенцијата и продукцијата на уметноста во поширокиот социо-политички контекст како и потврдувањето на нејзината потентност и потенцијалност кон стимулирање свежи размислувања во различни средини. Има курирано неколку изложби и проекти во Македонија и странство. Во моментов работи на повеќе истражувачки проекти во земјава и регионот а соработува и на АКТО Фестивалот за современи уметности.

Филип Јовановски е визуелен уметник и граѓански активист. Тој е магистрант на Факултетот за ликовни уметности, отсек – сликарство во Скопје (2012). Неговите дела се во полето на истражувачки интердисциплинарни проекти кои често користат кураторски пристап и претставуваат трансформација на политички и социјални категориии во просторни слики.
Тој е претставник на Македонија на Прашкото квадриенале за сценски дизајн и простор (2011) а е добитник и на наградата за млад ликовен уметник ДЕНЕС 2013 како и за специјалната награда за архитектура за проектот Мобилна / монтажна Галерија на Центарот за современи уметности од Скопје (2014).
Од 2007-ма година е уметнички директор на фестивалот за современа уметност АКТО во Битола, исто така член е и еден е од основачите на активистичката организација Плоштад Слобода (2010), Иницијативата КООПЕРАЦИЈА (2012), ЈАДРО (2012) асоцијацијата на независната културна сцена како и неколку други неформални граѓански и активистички иницијативи.
Сафет Ахмети тековно ги истражува врските помеѓу современата уметност и антропологијата за потребите на неговата докторска дисертација. Од 2003 до 2008 на Југоисточно Европскиот Универзитет во Тетово, ги предаваше предметите „Визуелна култура“, „Вовед во модерна уметност“ и „Култура и комуникации“. Во мај 2011 го формираше Центарот за визуелни студии-Скопје (ЦВС) како подружница на Загрепската организација. Како раководител на филијалата неговите активности се насочени кон развивање и раководење на програмата и интересите на ЦВС. Центарот е препознаен како значаен партнер во изградбата на меѓународната (Меѓународната асоцијација за визуелна култура), како и на европската мрежа за студии на визуелната култура (Мрежа за визуелна култура во Европа) и е нивни член од самиот почеток во 2010.

Горан Јанев е вклучен во наставната и истражувачка работа при Институтот за Социолошки и Политичко-Правни Истражувања при УКИМ, Скопје како вонреден професор. Се стекнува со звањето доктор на науки по социјална антропологија на Оксфордскиот Универзитет во 2006. Од 2008 до 2011 е на пост-докторат во Макс Планк Институтот за истражување на религијски и етнички различности во Готинген, Германија. Се занимава со политичка антропологија, меѓуетничките односи и различитостите и урбана антропологија.

Софија Грандаковска, професор по општа и компаративна книжевност, се занимава со интердисциплинарни исражувања од областа на културните и холокауст студии и визуелната семиотика. Автор е на: „Неседалната химна низ слово и фреска“[2016], „Портретот на сликата“[2010] и „Говорот на молитвата“[2003], приредувач и коавтор на двојазичната хрестоматија „Евреите од Македонија и холокаустот: историја, теорија, култура“ [The Jews from Macedonia and the Holocaust: History, Theory, Culture][2011] и коуредник на двојазичното bookzine издание DOMA [HOME][2010]. Таа е кокуратор на мултимедијалната изложба „Евреите од Македонија и холокаустот“ (Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2011, и Галерија на еврејската заедница во Белград, Белград, 2013). Била стипендист на The Baron Friedrich Carl von Oppenheim Chair for the Study of Racism, Antisemitism, and the Holocaust и Светскиот центар за холокауст истражувања „Јад Вашем“ во Ерусалим, Израел [2013-14].

Славчо Димитров има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Камбриџ. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Во последните неколку години има координирано голем број на академски проекти и летни школи, како и проекти во областа на човековите права на маргинализираните заедници, со посебен фокус на квир активизмот. Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики. Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК.Центар во Белград. Програмски координатор е на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.

 

Оддржувањето на симпозиумот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија

Наградата “Ладислав Баришиќ“ е финансиски поддржана од  Министерството за култура на Република Македонија и од Отсекот за култура на Град Скопје